Skip to main content

На осум плажи во Охрид водата е од прва класа, само кај „Грашница“ е од трета

Од вкупно 11 испитани локации, на осум водата е од прва класа, на две од втора, додека само на плажата „Грашница“ е евидентирана вода од трета класа.
 |  инфодеск  | 

Водата во Охридското Езеро на најголемиот дел од мерните места е со одличен квалитет и безбедна за капење, покажуваат најновите анализи на ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ – Охрид. Од вкупно 11 испитани локации, на осум водата е од прва класа, на две од втора, додека само на плажата „Грашница“ е евидентирана вода од трета класа.

Физичко-хемиските анализи биле извршени во првите десеттина дена од овој месец, на потегот од авто-кампот „Андон Дуков“ до хотелот „Ројал“.

Примероците од езерската вода биле земени на оддалеченост од 20 до 100 метри од брегот, на длабочина од 2 до 3 метри, на следните мерни места: авто-камп „Андон Дуков“, плажата „Грашница“, плажата „Лабино“, пред хотелот „Ројал“, градското пристаниште, плажата „Ј’но“, „Сараиште“, „Потпеш“, „Канео“, пред одморалиштето „Партизан“ и пред хотелот „Мизо“.

Добиените резултати покажуваат дека на осум мерни места водата е од прва класа, на две мерни места е од втора класа, а единствено на плажата „Грашница“ е регистриран квалитет на вода од трета класа.

Според законските норми, капење е дозволено во води со квалитет од прва и втора класа.

Фото : Ѓоко Симјаноски