Пијан возач во Охрид оштетил шест паркирани автомобили и се обидел да избега

Полицијата приведе 79-годишен жител на охридското село Коњско, откако управувајќи автомобил под дејство на алкохол предизвикал сообраќајна незгода во која оштетил шест паркирани возила, а потоа го напуштил местото на настанот.
Според информациите од СВР Охрид, настанот се случил на 25 јуни околу 12:20 часот. Возачот, управувајќи патнички автомобил „Мерцедес“ со охридски регистарски ознаки на булеварот „Туристичка“, удрил во шест паркирани патнички автомобили, по што не застанал, туку продолжил да се движи.
По преземени мерки, полициски службеници го пронашле на улицата „Питу Гули“ во Охрид и го лишиле од слобода. При извршеното алкотестирање кај него биле измерени 1,51 промили алкохол во крвта.
На возачот му биле одземени возачката дозвола и сообраќајните документи, по што бил исклучен од сообраќај.
Од СВР Охрид информираат дека по целосното документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.




