Skip to main content

Целосна забрана за движење во шумите од 1 јули до 31 август, казни до 2.000 евра за прекршителите

Во наведениот период, движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ или од националните паркови, во зависност од подрачјето со кое управуваат.
 |  инфодеск  | 
Забрана за движење во шума

Од 1 јули до 31 август 2026 година ќе важи целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Мерката е донесена поради зголемената опасност од појава на шумски пожари и има превентивен карактер.

Како што информира Министерството, забраната е воведена согласно насоките на Владата и барањата на корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја. Согласноста е издадена согласно член 57, став 3 од Законот за шумите.

Во наведениот период, движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ или од националните паркови, во зависност од подрачјето со кое управуваат.

Од Министерството предупредуваат дека за непочитување на забраната ќе следуваат високи парични казни. Согласно член 106 од Законот за шумите, физичките лица кои ќе бидат затекнати да се движат во шума или на шумско земјиште без одобрение ќе бидат санкционирани со глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.