Дебарско-кичевската епархија ги повикува верниците на чествувањето на Свети Наум Охридски

Дебарско-кичевската епархија со голема радост ги поканува сите верници на празнувањето на споменот на Охридскиот закрилник и Мизискиот чудотворец, свети Наум Охридски, кој е наш постојан молитвеник и кој повеќе од 1100 години непрестајно се застапува за нас пред Божјиот престол.
-По тој значаен повод, на 02.07.2026 година (четврток), со почеток во 19:00 часот, во манастирот посветен на свети Наум Охридски ќе биде отслужена празнична Вечерна богослужба, со која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј. Празнувањето на овој голем светител ќе продолжи и наредниот ден, на 03.07.2026 година (петок), кога со почеток во 08:45 часот ќе биде отслужена света архиерејска Литургија, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение со Нивните Високопреосвештенства, Митрополитите: Европски г. Пимен и Брегалнички г. Иларион, се вели во соопштението од Дебарско-кичевската епархија.
Во нивното соопштение додаваат дека со голема и искрена духовна радост ги покануваат сите благочестиви верници да се придружат на празничните богослужби и, како и досега, во молитвено единство да го прославиме свети Наум Охридски, нашиот небесен закрилник, просветител и чудотворец, испросувајќи преку неговите свети молитви Божји благослов, мир и спасение за сите нас.







