Со врачување на највисоките фестивалски признанија завршија 65-тите Струшки вечери на поезијата

Со врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“ и „Браќа Миладиновци“, и меѓународното поетско читање „Мостови“ синоќа на Мостот на поезијата во Струга заврши 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата.

Наградата „Златен венец“ на холандската поетеса Анеке Брасинга ѝ ја врачи в.д. директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш.

Претседателката на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, Наташа Аврамовска, ѝ ја додели наградата на Николина Андова Шопова за збирката „Во куќата“. Наградата се доделува за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата.

Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на Даниел Хајндс од Обединетото Кралство за стихозбирката „Нови познати фрази“. Наградата „Стојан Христов“ за 2026 година, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и Агенцијата за иселеништво му беше доделена на Ибраим Џемаил – Скарабеус за книгата „Патешествие низ времиња“.

Струшките вечери на поезијата свечено беа отворени во средата (24 јуни) со традиционалното палење на фестивалскиот оган и садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот за 2026 година, поетесата Анеке Брасинга од Холандија.








