Skip to main content

Охриѓани со идеи за сопствен бизнис аплицираат за државна поддршка

Од бизнис-идеја до сопствена работилница. Охриѓанецот Благој Христоски се надева дека со поддршка од мерките за самовработување ќе го оствари својот сон и ќе отвори работилница за фарбање на метал и дрво. Неговата е само една од стотиците приказни на млади луѓе кои својата иднина ја гледаат дома.
 |  инфодеск  | 

Охриѓанецот Благој Христоски се надева преку мерките од Оперативниот план да го оствари сонот и да отвори работилница за фарбање метал и дрво. Бизнис-планот веќе го изработил, апликацијата е поднесена, а сега со надеж го очекува исходот, верувајќи дека поддршката од државата ќе му помогне неговата идеја да стане реалност.

Ова  е само една од стотиците приказни на млади луѓе кои својата иднина ја гледаат дома.

-Се надевам дека ќе ги одвратат младите од заминување во странство, да не ја напуштаат оваа држава. Сепак вреди да си дома, дома си е дома, изјави Благој Христоски – апликант од Охрид.

Голем број  млади охриѓани се заинтересирани за  активните мерки и програми за вработување предвидени со Оперативниот план, каде се издвоени 40 милиони евра.


-Тоа значи дека целта на Владата и на Министерството за економија и труд, преку Агенцијата за вработување, не е само да ги дадеме овие пари, туку навистина да им помогнеме на луѓето да отворат бизниси, да ги мониторираат и да ги развиваат, изјави Марјан Ристески – заменик министер за економија и труд.

Најголем интерес има за мерката самовработување,  заклучно со крајот на минатата недела, поднесени се над 2.800 апликации.

-Апликациите се од најразлични дејности. Што се однесува до дејностите, можност за аплицирање има секое невработено лице, активен барател на работа, со завршено минимум средно образование, кое има сопствена бизнис-идеја и сака да основа сопствен бизнис, кажа Весна Пешова – заменик директор на Агенцијата за вработување.

Право на аплицирање имаат млади, долгорочно невработени и лица од ранливи категории.. Лани Оперативниот план го искористиле 12 илјади лица, а годинава се очекува таа бројка да биде надмината.

Новинар, Соња Рилковска