Skip to main content

За првпат во Вевчани ќе се одржи фестивал на зурли и тапани

Фестивалот ќе се одржи на 1 јули во амфитеатарот во Вевчани, а организаторите најавуваат богата програма со учесници од Скопје, Дебар и други градови. Влезот ќе биде слободен за сите посетители.
 |  инфодеск  | 

За првпат во Вевчани ќе се одржи фестивал на зурли и тапани , манифестација посветена на зачувувањето на македонскиот традиционален мелос и автентичниот звук на овие  препознатливи народни инструменти.

На едно место ќе се соберат зурлаџии и тапанари од повеќе градови во земјава, со цел да ја негуваат и пренесат музичката традиција на идните генерации.

„Ваков настан нема во државата, а според нашите информации нема ни пошироко… Планираме да стане традиционален и секоја година да се организира на овој датум.”- вели Славе Куковски, Здружение на зурли и тапани.

Фестивалот ќе се одржи на 1 јули во амфитеатарот во Вевчани, а организаторите најавуваат богата програма со учесници од Скопје, Дебар и други градови. Влезот ќе биде слободен за сите посетители.

Покрај музиката, особено внимание ќе биде посветено и на традиционалната носија, која е нераскинлив дел од настапите. Според организаторите, интересот кај младите за овој вид музика е охрабрувачки, особено во Вевчани, каде зурлата и тапанот се дел од локалниот идентитет.

„Кај нас има една изрека, ние се раѓаме со звукот на тапанот и зурлата… Сите краишта си имаат автентични мелоси, а и ние нашите мелоси ги имаме зачувано.” – велиДушко Куковски, Оркестар на зурли и тапани.

Организаторите се надеваат дека фестивалот ќе прерасне во долгогодишна традиција и ќе стане препознатлив културен белег на Вевчани и поширокиот регион.