Од денеска стапува во сила забраната за скутери во дневните часови на Охридското езеро

Од денеска, 1 јули, стапува во сила ограничувањето за пловидба на скутери на Охридското Езеро. Согласно Одлуката на Владата, донесена на предлог на Министерството за транспорт, скутерите нема да смеат да пловат во периодот од 11:00 до 19:00 часот, а мерката ќе важи до 31 август 2026 година.
Ограничувањето е дел од мерките за зголемување на безбедноста на капачите и учесниците во пловидбата, за заштита на човечките животи и непречено користење на езерските води во текот на туристичката сезона.
Покрај ограничувањето за скутерите, во сила се и ограничувања за пловидбата на чамци. Така, до 31 август 2026 година, чамците не смеат да пловат во периодот од 21:00 до 05:00 часот. Во септември забраната ќе важи од 20:00 до 06:00 часот, додека во октомври пловидбата ќе биде ограничена од 19:00 до 06:00 часот.
Од Министерството за транспорт информираат дека целта на одлуката е да се намали ризикот од несреќи, да се спречи загрозувањето на безбедноста на капачите и да се зачува јавниот ред на езерата.
Воедно, најавуваат засилени контроли од страна на надлежните служби, при што за непочитување на пропишаните ограничувања ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи.







