Skip to main content

„Охридски Комуналец“ отстрани 24 кубици отпад покрај патот Охрид – Свети Наум

И покрај континуираните акции за расчистување, ваквите сцени покажуваат дека еколошката свест кај дел од граѓаните сè уште е на незадоволително ниво.
 |  инфодеск  | 

Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ реализираа акција за расчистување на повеќе мали депонии покрај магистралниот пат Охрид – Свети Наум, каде што беа подигнати големи количини несоодветно депониран кабаст и зелен отпад.

Од јавното претпријатие информираат дека интервенциите биле спроведени на повеќе локации со ангажирање специјална механизација, при што биле отстранети вкупно 24 кубни метри отпад.

Фотографиите од теренот повторно сведочат за деградирани јавни површини, кои не само што го нарушуваат изгледот на еден од најфреквентните туристички правци во земјата, туку претставуваат и потенцијална закана за животната средина и здравјето на граѓаните.

И покрај континуираните акции за расчистување, ваквите сцени покажуваат дека еколошката свест кај дел од граѓаните сè уште е на незадоволително ниво. Нелегалното фрлање отпад создава дополнителни трошоци за јавните претпријатија, а воедно остава негативна слика за Охрид како туристичка дестинација.