На 3 и 4 јули во Охрид се случува Ohrid Cocktail Festival, најголемата коктел забава на Балканот

Првиот јулски викенд во Охрид се случува Ohrid Cocktail Festival, најголемата коктел журка на Балканот. Просторот пред хотел „Палас“ на кеј „Македонија“ на 3 и 4 јули повторно ќе биде центар на коктел културата и добрата забава

Организаторите BNJ production најавуваат две вечери исполнети со атрактивни коктел презентации, богата понуда на врвни пијалаци, и фестивалска атмосфера со добра музика покрај Охридското езеро. Годинава новитет е Bar Show двочасовна презентација и дегустација на премиум жестоки пијалаци која започнува во 18 часот.
„ Ние оваа година го воведуваме како новитет со цел да почнеме некаков процес на правење на едно Бар шоу и затоа во рамките на Охрид Коктел Фестивал оваа година ќе имаме во бар шоуто изложба на премиум брендови, неколку премиум брендови, изложување, ќе се изложат некои локални брендови. И начинот на којшто брендовите ќе се претстават ќе биде преку една мала дегустација, каде што после таа дегустација посетителите ќе можат да го пробаат тој премиум алкохолен пијалок во некои од коктел баровите кои ќе бидат изложени. Промо зоната ќе биде два часа, од 18 до 20 часот, и во тој период дегустацијата на премиум алкохолните брендови ќе биде бесплатна и таа е овозможена од страна на самите увозници на брендовите.„ – вели Бојан Михајловски, бармен и дел од организација на фестивалот.

Посетителите ќе имаат можност да дегустираат 10 премиум пијалоци, а потоа истите тие да ги вкусат во над 60 видови коктели подготвени на штандовите на 14 коктел барови од Скопје, Охрид, Велес и од Прилеп. Бармените ќе ја претстават уметноста на подготовката на коктели, најновите трендови во миксологијата и свои авторски креации.
„Нешто најзначајно и најмногу што се радуваме за оваа година е што сите барови ќе настапат со свои авторски коктели, или коктели кои се светски класици, но со мал твист. Исто така, морам да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на сите барови кои се учесници, бидејќи дадоа огромна поддршка, односно охридските, бидејќи без охридските барови нема да е „Охрид Коктел Фестивал“.„ – вели Михајловски.

Амбициите на организаторите се фестивалот да расте од година во година. По годинашниот новитет „Bar Show“, во план е веќе од следното издание да бидат вклучени и барови од соседните земји.
„Уште по завршетокот на ланското издание на Охрид Коктел Фестивал, барови пријатели надвор од државава, односно од соседните земји, ни се упатија со желба за учество на ова издание. Но, поради фактот што сепак е втора година, се надеваме дека веќе од следната ќе имаме поголем логистички капацитет со цел тие барови од надвор да ги угостиме како едни прави домаќини, каде што ќе може и тие да ги изразат своите авторски коктели тука кај нас во Охрид.“ – најавува Михајловски.

Иако ѕвезди на шоуто се коктелите , фестивалот ќе понуди одлична музика за целосно уживање.Од 20 часот сцената ќе ја преземат познати бендови и диџеи. Првата вечер ќе настапат Urban Planet, No FUN, DJ Vanco, DJ Jaybeats и DJ Gec, а вториот фестивалски ден публиката ќе ја забавуваат DJ Dostin, DJ Mario, Brass Brothers, додека затворањето е резервирано за DJ Face.

Минатогодишното прво издание привлече околу 10 илјади посетители во двата фестивалски дена. Организаторите годинава очекуваат уште поголема посетеност, охрабрени од позитивните реакции.
„Во однос на впечатоците од ланската година, оваа година очекуваме бројот на посетители да биде зголемен, бидејќи добивме премногу позитивни коментари, не само од локалното население во Охрид, туку има доста позитивни коментари од другите градови. Претежно најмногу се разговара во Скопје и во скопската бар култура, таму се зборува доста и очекуваме поголем наплив на посетители од Скопје и од другите градови во Македонија. Но секако не ги изоставуваме и странските туристи“ – вели Михајловски.
Со својата програма, фестивалот не само што ја збогатува понудата во екот на летната сезона, туку придонесува и за развојот на коктел културата во Охрид како значаен сегмент од современата туристичка понуда. Ohrid Cocktail Festival се реализира со поддршка на Општина Охрид.








