Skip to main content

Дина Јашари на 5 август ќе настапи во Струга на фестивалот „Дрим Шорт“

Концертот во Струга ќе биде можност публиката во живо да ги слушне песните од албумот „Растенија без корен“, како и дел од нејзиниот понов музички материјал, во рамки на програмата на фестивалот „Дрим Шорт“.
 |  инфодеск  | 

Македонската музичарка Дина Јашари на 5 август ќе одржи концерт во Струга, во рамки на програмата на фестивалот „Дрим Шорт“. Настапот ќе се одржи во Паркот на поезијата и е дел од нејзината прва поголема турнеја низ Македонија.

По четири години активни настапи, регионални гостувања и континуирано градење на својот авторски израз, Јашари ова лето и есен реализира турнеја низ седум македонски градови.

Турнејата започна на 2 јули во Скопје, каде што Дина Јашари настапи како предгрупа на легендарниот британски состав Duran Duran во арената „Борис Трајковски“, а продолжува со концерти низ повеќе градови во текот на јули, август и септември.

Покрај Струга, турнејата ги опфаќа и Кочани (11 јули), Виница (23 јули), Кичево (25 јули), Битола (20 август), Вртешка (4 септември) и Штип (17 септември).

Дина Јашари важи за една од највпечатливите авторски појави на современата македонска музичка сцена. Нејзиниот албум „Растенија без корен“ беше одлично прифатен и во Македонија и во регионот, а со својот препознатлив музички израз, сензибилитет и авторски печат се етаблираше како еден од најзначајните гласови на новата домашна музичка сцена.