Skip to main content

Српски полицајци ќе патролираат со македонските колеги во Охрид до крајот на август

Заедничките полициски патроли се дел од долгогодишната соработка меѓу Македонија и Србија во текот на летната туристичка сезона, со цел да се обезбеди поголема сигурност и поддршка за туристите.
 |  инфодеск  | 

Припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Србија, од денеска па до 31 август 2026 година, ќе бидат ангажирани во Охрид, каде заедно со своите колеги од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија ќе работат во текот на туристичката сезона.

Ангажманот се реализира врз основа на Протоколот за соработка меѓу двете министерства, кој предвидува заедничко полициско присуство на туристичките дестинации заради поголема безбедност и полесна комуникација со странските посетители.

Според соопштението на Владата на Република Србија, во Охрид ќе бидат распоредени униформирани полициски службеници и еден припадник на криминалистичката полиција, кои ќе работат заедно со македонските полициски службеници.

Српските државјани кои ќе престојуваат во Охрид во наведениот период ќе можат да добијат информации и помош директно од српските полициски службеници на следните телефонски броеви: Униформирани полицајци: 064/892-7140, 064/892-1348 и 064/892-6876; Криминалистичка полиција: 064/892-2801.

Заедничките полициски патроли се дел од долгогодишната соработка меѓу Македонија и Србија во текот на летната туристичка сезона, со цел да се обезбеди поголема сигурност и поддршка за туристите.