Skip to main content

Пијан возач излетал од патот кај Прентов мост, две лица тешко повредени во сообраќајни несреќи на подрачјето на Охрид

Од СВР Охрид информираат дека се преземаат сите неопходни мерки за целосно расчистување на околностите на регистрираните сообраќајни настани.
 |  инфодеск  | 
Полициско возило

Во текот на изминатото деноноќие на подрачјето на СВР Охрид се евидентирани неколку сообраќајни незгоди, при што две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а едно лице е лишено од слобода поради управување возило под дејство на алкохол.

На 6 јули околу 21:05 часот, полициски службеници од СВР Охрид лишиле од слобода 48-годишен жител на Прилеп, кој претходно, управувајќи патнички автомобил „БМВ“ со прилепски регистарски таблички, изгубил контрола и излетал од магистралниот пат Охрид – Ресен, кај месноста „Прентов мост“.

По извршеното алкотестирање било утврдено дека возачот имал 1,65 промили алкохол во крвта. По насоки на јавен обвинител, возилото е одземено, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во друга сообраќајна несреќа, која се случила во 08:10 часот на крстосницата на улиците „15 Корпус“ и „Живко Чинго“ во Охрид, се судриле два мопеда. Со тешки телесни повреди се здобил 66-годишен возач од Охрид, кои биле констатирани во Специјалната болница „Св. Еразмо“. Увид на местото извршила екипа на СВР Охрид.

Истата вечер, во 21:12 часот, на улицата „Јане Сандански“ во Охрид, патнички автомобил „Хјундаи“, управуван од 74-годишен охриѓанец, удрил во 84-годишна пешачка од Охрид. Во незгодата, жената се здобила со тешки телесни повреди, потврдени во болницата „Св. Еразмо“. Полициски екипи извршиле увид, а причините за несреќата се утврдуваат.

Од СВР Охрид информираат дека се преземаат сите неопходни мерки за целосно расчистување на околностите на регистрираните сообраќајни настани.