Левица предлага мерка „Една членарина по семејство“ за престој во детските градинки во Охрид

Советничката од Левица во Советот на Општина Охрид, Виолета Аврамоска, поднесе иницијатива за воведување на мерката „Една членарина по семејство“, со која семејствата што истовремено имаат две или повеќе деца запишани во јавните детски градинки би плаќале само една месечна членарина. По престанокот на престојот на постарото дете, семејството повторно би плаќало една редовна членарина за помладото дете.
Од Левица велат дека целта на иницијативата е да се намали финансискиот товар врз семејствата со повеќе деца и да се обезбеди поголема поддршка за родителите преку локални мерки.
„Сметаме дека локалната самоуправа треба активно да ги поддржува младите семејства преку конкретни политики што ќе придонесат за намалување на трошоците за воспитување на децата. Ваквата мерка ќе обезбеди директна финансиска поддршка, ќе придонесе за поголема социјална сигурност на родителите и ќе претставува дополнителен поттик за подобрување на демографската слика“, наведуваат од партијата.
Оттаму изразуваат очекување иницијативата да добие поддршка од сите советнички групи во Советот на Општина Охрид, оценувајќи дека станува збор за мерка која, според нив, директно би го подобрила животниот стандард на семејствата со деца.






