Охрид во екот на сезоната за домашните гости прескап, за странците и понатаму поволна дестинација

Раздвижени улици, полни тераси и плажи – Охрид деновиве живее во полн туристички ритам. Во екот на летната сезона, кога градот е преплавен со гости од земјава и странство, повторно се актуализира и прашањето за цените. Додека домашните гости сè почесто реагираат дека дел од услугите стануваат прескапи, странските туристи велат цените се пристапни.
-Многу добра вредност, односно квалитет за цената. Поевтино е од Англија, вели еден турист.
-Доаѓаме од Австралија на одмор со семејството. Кога ќе споредам со Битола овде е многу поскапо, но тоа е цената на туреистичко место. Цените не се превисоки, велат гости од Австралија.
– Спрема заслугата и акот. Туристичко место мора да е поскапо, вели гостин од Скопје.
–Доѓаме од Чешка цените се сосема во ред. Јас би рекол дека цените се како кај нас, но сосема очекувано ова е туристичко место. Вообичаено е поскапо.
–За нас не е скапо за нас е убаво, поевтино е од Словенија.

Угостителите велат цените се формираат согласно понудата,квалитетот на услугата, , амбиентот и локацијата на локалите.
„Ќе повторам повторно, мислам дека за странските гости сме доста евтини. Можеби нашите домашни гости ги чувствуваат цените како малку повисоки и за нив можеби сме поскапи, меѓутоа тоа е цената што ја носи еден туристички град.” – вели Асим Челик, угостител.

Од Министерството за економија предупредуваат превисоките цени можат негативно да се одразат врз туристичката сезона. Иако станува збор за пазарна економија, ценовната политика мора внимателно да се балансира за да не се наруши конкурентноста на туристичката понуда.
„Туристичка сезона е, туристичко место, меѓутоа тоа не значи дека треба да одат во вис цените.Прво, ги бркаат туристите, а од друга страна, за такви цени треба да имаме многу поволен квалитет.” – вели Марјан Ристески, заменик министер за економија.
И покрај поскапувањата, туристичките работници оценуваат дека Охрид и натаму останува меѓу подостапните туристички дестинации во регионот.
Новинар Соња Рилковска







