Советот ќе одлучува за отстапување на паркинзите кај Света Софија, на Илинденска и Сараиште на ЈП „Билјанини извори“

Советот на Општина Охрид утре (9 јули) со почеток во 9 часот ќе ја одржи 12 седница, на чиј дневен ред се 36 точки, меѓу кои ребаланс на Буџетот за 2026 година и повеќе одлуки од значење за функционирањето на градот.
Покрај измените и дополнувањата на програмите за урбанизам, култура, спорт, образование, локална патна инфраструктура, водоснабдување, јавно осветлување и изградба на паркинг-простори, пред советниците ќе се најде и Предлог-одлуката за отстапување на користење на дел од јавните паркинг-простори на ЈП „Билјанини извори“.
Станува збор за паркинг просторот кај крстосницата на улиците „Цар Самоил“ и „Коста Абраш“ (пред црквата „Света Софија“), паркингот долж целата улица „Илинденска“, како и паркинг просторот на улицата „Коста Абраш“ кај Сараиште. Доколку Советот ја усвои одлуката, со овие локации, каде до сега не се наплатуваше паркинг, ќе стопанисува ЈП „Билјанини извори“, што отвора можност за воведување организирано управување и наплата.
Советниците ќе расправаат и за предлог-одлуката за продолжување на работното време на занаетчиските субјекти, како и за повеќе одлуки поврзани со урбанистичко-планската документација за вклопување на бесправно изградени објекти.







