Едно лице починало откако проголтало пакување со наркотична материја при полициска контрола

На 8 јули 2026 година, околу 22:30 часот, на булеварот „Туристичка“ во Охрид, полициски службеници лишиле од слобода 32-годишен охриѓанец кој управувал патнички автомобил „Ренџ Ровер“ со чешки регистарски ознаки.
Според информациите од СВР Охрид, возачот не застанал на даден знак од полициската патрола, туку продолжил да се движи, по што по преземени мерки бил запрен.
При контролата, во возилото бил затекнат и 44-годишен жител на Охрид, кој, според полициското соопштение, веднаш проголтал опаковка со наркотична материја. Набрзо потоа му се влошила здравствената состојба, по што на местото била повикана екипа на Итната медицинска помош.
Лицето било пренесено во Општата болница во Охрид, каде што, и покрај преземените медицински мерки, починало.
По наредба на јавен обвинител, во текот на денот ќе биде извршена обдукција во Општата болница во Битола, а по насоки на обвинителството се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.







