ЗАМП: Надоместоците за апартманите се утврдени со закон и важечка тарифа

По зголемениот јавен интерес околу фактурите што ги добиваат сопствениците на апартмани за користење авторски музички дела, ЗАМП Скопје соопшти дека наплатата се врши согласно Законот за авторското право и сродните права и Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела.
Од ЗАМП појаснуваат дека, како организација за колективно управување со авторски музички дела, имаат законска обврска да ги прибираат авторските надоместоци од сите корисници на музика, вклучително и од субјектите што вршат дејност на сместување и располагаат со сместувачки капацитети.
Правилникот со тарифата, кој ја утврдува висината на надоместоците, е објавен во „Службен весник“ бр. 153 од 30 октомври 2017 година и е достапен и на веб-страницата на ЗАМП.
Според ЗАМП, фактурите што им се издаваат на сопствениците на апартмани се пресметуваат согласно членот што предвидува месечен надомест од пет бода за секое реализирано ноќевање, кога во сместувачките капацитети музиката се користи преку радио, телевизија, интерен ТВ-систем или кабелска мрежа.
Воедно, корисниците се должни најдоцна до 15-ти во месецот да достават извештај за бројот на реализирани ноќевања за претходниот месец, кој треба да биде идентичен со податоците доставени до Министерството за внатрешни работи и до локалната самоуправа.
Доколку извештај не биде доставен во предвидениот рок, надоместокот не се пресметува според бројот на ноќевања, туку според сместувачкиот капацитет на објектот. Во тие случаи, тарифата предвидува:
- до 25 гости – 500 бода;
- од 26 до 50 гости – 1.000 бода;
- од 51 до 75 гости – 1.700 бода;
- од 76 до 100 гости – 2.500 бода;
- од 101 до 500 гости – 3.600 бода;
- над 500 гости – 6.000 бода.
Од ЗАМП нагласуваат дека наплатата на авторските надоместоци не претставува нова обврска, туку произлегува од важечката законска регулатива и тарифникот што е во сила од 2017 година.







