Охридскиот аеродром со двоцифрен раст, опслужил над 122.000 патници во првата половина од годината

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид во првите шест месеци од годинава опслужил 122.638 патници, што претставува раст од 18,2 проценти во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на ТАВ Македонија.
Во истиот период од охридскиот аеродром биле реализирани 907 летови, односно 26 проценти повеќе споредено со првата половина од минатата година.
На национално ниво, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид заедно опслужиле 1.955.648 патници во периодот јануари – јуни, што е 28 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период биле реализирани 13.167 летови, односно 7,6 проценти повеќе на годишно ниво.

Од ТАВ Македонија оценуваат дека позитивните резултати се дел од континуираниот раст на двата македонски аеродроми. Генералниот директор на компанијата, Неџат Курт, истакна дека зголемениот број патници е потврда за успешната стратегија за развој и за растечката доверба кај патниците и авиокомпаниите.
„Растот од 28 проценти на бројот на патници во првата половина од годината е потврда за успешната стратегија, зголемената доверба на патниците и атрактивноста на македонските аеродроми за авиокомпаниите. Ќе продолжиме да работиме на проширување на мрежата на дестинации, подобрување на услугите и обезбедување квалитетно патничко искуство“, изјави Курт.
Само во јуни преку двата аеродрома патувале 374.714 патници, што претставува раст од 15,6 проценти во однос на јуни минатата година.
Позитивните резултати на охридскиот аеродром доаѓаат во пресрет на главната летна туристичка сезона, кога се очекува дополнително зголемување на бројот на патници и летови кон туристичкиот центар.







