Skip to main content

Од денеска посебен режим на паркирање на „Илинденска“, „Коста Абраш“ и „Цар Самоил

Возилата кои ќе бидат паркирани на необележан паркинг-простор, на коловоз или на друга јавна површина на улиците „Илинденска“, „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“, спротивно на поставената сообраќајна сигнализација, ќе бидат санкционирани.
 |  инфодеск  | 
star grad

Од денеска започнува примената на посебниот режим на паркирање на улиците „Илинденска“, „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“, согласно одлуката на Советот на Општина Охрид.

Од  Ј.П. „Билјанини Извори“ информираа дека паркинг-местата на наведените улици се наменети за користење од страна на резидентните жители кои располагаат со соодветна документација за живеалиште на наведените улици, доказ за сопственост или користење на возилото и важечка резидентна налепница. За овие жители паркирањето на обележаните паркинг-места ќе биде без надоместок, согласно донесената одлука.

Од претпријатието потенцираат дека паркирањето на обележаните паркинг-места е забрането за сите возила кои не поседуваат соодветна резидентна налепница.

За возилата кои нема да ја почитуваат утврдената регулатива ќе се преземаат мерки согласно правилата за паркирање, вклучително и поставување блокатор на возилото.

Дополнително, возилата кои ќе бидат паркирани на необележан паркинг-простор, на коловоз или на друга јавна површина на улиците „Илинденска“, „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“, спротивно на поставената сообраќајна сигнализација, ќе бидат санкционирани од страна на Министерството за внатрешни работи, согласно важечките законски прописи.

Од претпријатието додаваат дека резидентните жители од наведените улици ќе можат бесплатно да го користат и паркингот во склоп на Општина Охрид до 1 септември 2026 година. За добивање дозвола за користење на овој паркинг, жителите треба да се обратат во просториите на Ј.П. „Билјанини Извори“ – Охрид и да ја приложат потребната документација.

За туристите и останатите посетители на градот е овозможено користење на паркинг-просторите во Б-зона, со можност за купување месечен паркинг-билет.

Воедно, од претпријатието ги известуваат правните и физичките лица дека дотурот на стока во стариот дел на градот треба да се врши најдоцна до 10:00 часот.

Апелираат до сите граѓани, посетители и туристи да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и утврдениот режим на паркирање, со цел непречено функционирање на сообраќајот и подобра организација на паркирањето во стариот дел на градот.