Од денеска малолетници не смеат да управуваат електрични тротинети

Од денеска стапуваат во сила измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат построги правила за управување со електрични тротинети.
Според новите законски одредби, електричен тротинет ќе може да управува само лице кое има наполнето 18 години, наместо досегашната старосна граница од 14 години.
Максималната дозволена брзина останува 20 километри на час на велосипедски патеки и ленти, додека на тротоари, пешачки и мешани патеки ограничувањето е 6 километри на час.
Возачите на електрични тротинети, при преминување преку коловоз или пешачки премин, доколку нема велосипедска патека или лента, ќе мора да се симнат од тротинетот и да го туркаат.
Со измените се забранува и превезување друго лице на електричен тротинет, а во случај на прекршување ќе бидат санкционирани и возачот и патникот.
Носењето заштитна кацига е задолжително за сите возачи, а останува во сила и обврската за носење рефлектирачки елек при ноќно возење или во услови на намалена видливост.
Покрај паричните казни, за одредени прекршоци е предвидено и привремено одземање на електричниот тротинет во траење од 30 дена. Доколку прекршок направи дете, одговорноста ќе ја сносат неговите родители или старатели.
Измените се донесени по анализите за периодот од 2024 до мај 2026 година, според кои во сообраќајни незгоди учествувале 2.352 возачи на мопеди, електрични тротинети и мотоцикли. Во тие незгоди загинале 46 лица, 585 се здобиле со тешки, а 1.347 со полесни телесни повреди.






