Дополнителната година неискористена, УНЕСКО повторно предлага Охридскиот Регион да се најде на Листата светско наследство во опасност

На 22 јули, во рамките на 48-та. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што од 19 до 29 јули ќе се одржи во Бусан, Јужна Кореја ќе биде донесена конечната одлука за статусот на Природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Нацрт-одлуката на Комитетот е објавена и истата предвидува Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, со оценка дека и покрај одреден напредок, деградацијата на неговата исклучителна универзална вредност продолжува.
Во документот се поздравуваат законодавните иницијативи во Северна Македонија и подготовката на корективни мерки во Албанија, но сепак Комитетот со „најголема загриженост“ констатира дека напредокот во спроведувањето на препораките од реактивните мониторинг мисии од 2017, 2020 и 2024 година останува ограничен.
Од двете држави се бара да ја зајакнат прекуграничната соработка, особено во однос на алтернативната траса на железничкиот Коридор 8. Комитетот бара проектот да не се реализира сè додека не бидат изработени и доставени сите потребни студии и проценки за влијанието врз светското наследство.
Во однос на Македонија, повторно се бара забрзана проценка на влијанието од дивоградбите и преземање корективни мерки, вклучително и нивно отстранување. Исто така, се бара да се стопираат измените на деталните урбанистички планови и носењето локални развојни планови надвор од населените места сè додека не биде изработена сеопфатна Стратешка оцена на влијанијата врз животната средина.
Комитетот нотира дека е во подготовка закон за прогласување на Студенчишкото Блато за Парк на природата, но изразува жалење што продолжува изградбата на комплексот „Горица 3“, поради неговите потенцијални негативни влијанија врз исклучителната универзална вредност на регионот. Се бара прекин на ваквите активности до завршување на неопходните проценки.
Во нацрт-одлуката се оценува дека, и покрај извесниот напредок, спроведувањето на препораките од реактивните мисии останува недоволно. Како главни причини се наведуваат слабата прекугранична координација, недостигот од сеопфатна Стратешка оцена на влијанијата, нерешените урбанистички проблеми и бесправната градба, континуираните развојни притисоци, како и бавната реализација на проектите за отпадни води и управување со отпадот.
Поради тоа, во нацрт-одлуката се предлага Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Истовремено, од Албанија и Македонија се бара до 1 февруари 2027 година да изготват заеднички корективни мерки со јасна временска рамка за нивна реализација и да достават нов извештај за состојбата на локалитетот.
И минатата година, на 47-та сесија Нацрт-одлуката предвидуваше Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Но, по амандман поднесен од Владата, Комитетот тогаш ја одложи одлуката и им даде дополнителен едногодишен рок на Македонија и Албанија за спроведување на препораките.
Таквиот чекор тогаш беше остро критикуван од 40 граѓански организации од Македонија, Албанија и Европа, кои оценија дека УНЕСКО ги изневерил сопствените принципи, Комитетот ги игнорирал препораките на експертските мисии и го наградил непочитувањето на Конвенцијата за светско наследство од страна на властите во двете земји.







