Новата генерација охридски спасители со обука по најсовремени меѓународни стандарди

Ова лето Центарот за безбедност на вода при Црвениот крст Охрид располага со нова генерација спасители обучени по најновите меѓународни ILS ( International Lifesaving Federation ) стандарди. За разлика од претходните години, обуката беше реализирана по нов прирачник, со современа спасувачка опрема и нови техники за извлекување давеници, што претставува значаен исчекор во подготовката на спасителите на отворени води.
-Траеше седум дена, таа се состои од теоретски и практичен дел и навистина беше интензивна обука и захтевна на некој начин. Беа пријавени вкупно 22 спасители, но од нив 15 ја поминаа таа обука и се да кажам нови спасители, вели Весна Терзиоска – Претседателка на Црвен крст Охрид.
Обуката се одржа кон крајот на јуни, а низ интензивна теоретска и практична подготовка поминаа кандидати од Охрид и Струга. Високите критериуми значеа дека лиценца добија 15 кандидати, кои успешно ги совладаа сите предвидени проверки. Лиценцата е меѓународно призната и важи три години, по што следува повторна обука и проверка на знаењето. Она што ја издвојува годинашната генерација е целосно новиот концепт на обука, усогласен со најсовремените меѓународни стандарди.

-Оваа година мислам дека спасителите кои се обучија на оваа обука имаат доста захтевна обука по нов прирачник, по нови ИЛС стандарди, со нова опрема и со нови нов начин на извлекување на давеници и нов начин на практично и теоретско предавање. Мислам дека оваа година се доста спремни за разлика од претходните години кога беше застарен материјалот. Сега имаме еден нов кадар кој е современо обучен, со современа опрема и со современо знаење, така што имаме едни од најубучените спасители во Македонија, вели Арсениј Ѓоршески – спасител и инструктор.
Паралелно со новиот начин на обука, Центарот за безбедност на вода располага и со модернизирана спасувачка опрема. Обезбедена е опрема за покривање на 25 капалишта, како и специјализирана опрема за интервенции при поплави и спасување на брзи води. Годинава Центарот доби и специјална спасителна санка и две спасувачки платформи, со што дополнително се зајакнува подготвеноста за интервенции во различни водени средини.










