Пожарите повторно ја ставаат на тест подготвеноста на институциите

Во екот на летната сезона, пожарите остануваат една од најголемите закани. Вчера, пожар избувна во населбата „Гоце Делчев” – Бараки во Охрид, при што беа зафатени деградирана шума и сува трева. Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите и помошта од локалното население и доброволците, огнот беше ставен под контрола пред да се прошири кон блиските станбени објекти.
Според Горан Устијаноски од доброволното противпожарно друштво „ЕКО ФАП”, покрај професионалните служби, клучна улога имаат и доброволните противпожарни друштва и организираните граѓани.
„Не само кога станува збор за пожари, туку и за разни други елементарни непогоди и секаде каде што ќе настапи некаква виша сила, населението не може да очекува дека само државата, преку државните служби и институции, ќе може да реагира и да помогне во санирањето на последиците. Затоа е потребно доброволно, волонтерско организирање на граѓаните на многу различни полиња, меѓу другото и преку доброволните противпожарни здруженија, како и здруженија кои помагаат при поплави и други елементарни непогоди. Исклучително е важно да се подигне свеста за вакво здружување на граѓаните.” – вели Устијаноски.
Доброволните противпожарни друштва се вклучуваат во интервенциите исклучиво во координација со надлежните институции, но паралелно спроведуваат и превентивни активности во најризичните подрачја.
„Се вклучуваме исклучиво по повик од официјалните служби, Дирекцијата за заштита и спасување, локалната самоуправа, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции. Не смее да има самоиницијативно преземање активности. Но, во делот на превенцијата, веќе неколку години во текот на летото стационираме две цистерни со вода во Љубаништа, бидејќи проценивме дека тој предел е подалеку и доколку дојде до пожар, првичната реакција е од исклучителна важност.” – посочува Устијаноски.
Во пресрет на летната сезона, македонската и албанската полиција ги засилуваат заедничките активности за превенција и навремено справување со шумските пожари. Полициски службеници од двете земји одржаа работна средба на која беа договорени координирани превентивни безбедносни мерки за подигнување на јавната свест за заштита на шумите од пожари и спречување на пожари на отворен простор.
Предвидено е за време на летната туристичка сезона да се реализираат заеднички полициски патроли во шумските појаси долж граничниот и пограничниот простор.
Соња Рилковска







