„Езерска приказна“ денес во Охрид: Книги, креативни работилници и претставата „Црвенкапа“ за најмладите

Денес, 17 јули, со почеток во 20:00 часот, на плоштадот „Вангел Наумовски“ во Охрид ќе се одржи уште едно издание на „Езерска приказна“, настан наменет за најмладите љубители на книгата, креативноста и театарот.
Настанот е дел од програмата на Општина Охрид „За сите деца – Културата расте со децата“, чија цел е преку литература, игра и уметност да ја поттикне детската љубопитност и љубовта кон читањето.
Во рамките на програмата „Чудни и чудесни езерски приказни“ ќе се одржат читачки и креативни работилници, а децата ќе имаат можност да се дружат со познати македонски авторки и нивните книги.
Пред најмладите ќе се претстави Јулијана Величковска со книгата „Ведра“, инспиративна приказна за едно девојче која покажува дека и солзите имаат своја сила. Ана Јовковска ќе ја претстави книгата „Љубов во топка“, посветена на пријателството, емпатијата и детските емоции, додека Билјана Црвенковска ќе ги запознае децата со авантурите на буквата А и со омилената приказна „Тукони – жител на шумата“.
Програмата ќе биде збогатена и со детската театарска претстава „Црвенкапа“, во режија на Балада продукција, која ќе им приреди незаборавно театарско доживување на најмладите посетители.
Организаторите ги покануваат сите деца и нивните родители да бидат дел од ова литературно и културно дружење, исполнето со читање, креативни активности, игра и театар, уште една потврда дека културата расте заедно со децата










