Општина Охрид го одбележа јубилејот „80 години од раѓањето на Иван Карадак“

Општина Охрид со пригодна свеченост го одбележа јубилејот „80 години од раѓањето на Иван Карадак“, оддавајќи му почит на македонскиот писател, драматург, афорист и сатиричар, чие творештво остави длабока трага во македонската литература и култура.
Свеченоста започна со поздравно обраќање на претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, по што пред присутните се обрати поетесата Марта Маркоска, ќерка на Иван Карадак. Таа преку лични спомени и осврт кон неговото богато творештво ја доближи личноста и делото на својот татко.

Во рамки на настанот беше отворена Меморијалната поставка посветена на Иван Карадак, во која се изложени негови лични предмети, фотографии, книги и автентично работно катче. Воедно беше промовирано и специјалното јубилејно издание на списанието „Хихириху 2026“.
Посебен впечаток кај присутните оставија сценските изведби. Актерот Марјан Георгиевски настапи со инспиративен стенд-ап перформанс, базиран на сатиричното творештво и афоризмите на Иван Карадак, потврдувајќи дека неговите пораки и денес се актуелни. Учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“, Климент Размоски и Мила Милошеска, преку драмскиот перформанс „Последниот ракопис на Иван Карадак“ внесоа силни емоции и го оживеаја духот на големиот автор.

Во рамки на одбележувањето беше истакната и благодарност до академската уметница Славица Танеска, авторка на монументалниот мурал со ликот на Иван Карадак, кој трајно ќе сведочи за неговото значајно место во културната меморија на Охрид.

Благодарност беше упатена и до Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ и НУ Центар за култура „Григор Прличев“ за поддршката во реализацијата на меморијалната поставка, како и до сите учесници, соработници и посетители кои придонесоа јубилејот достоинствено да биде одбележан.







