Балетската претстава „Кармен свита и Болеро“ ќе се изведе во Центарот за култура „Григор Прличев“
Поради најавените врнежи од дожд, организаторите на фестивалот „Охридско лето“ ја менуваат локацијата на балетската претстава „Кармен свита и Болеро“, која е на програмата на 66. фестивалско издание.

Националната установа „Охридско лето“ информира дека поради најавените врнежи од дожд, балетската претстава „Кармен свита и Болеро“, во изведба на Операта и балетот „Мадленијанум“ од Србија, наместо на сцената Долни Сарај, ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Претставата е закажана за 22 јули 2026 година и останува во истиот термин, а единствено се менува локацијата на изведбата.
Од фестивалот посочуваат дека одлуката е донесена со цел да се обезбедат соодветни услови за публиката и уметниците, согласно временската прогноза која најавува врнежливо време.
Организаторите се заблагодаруваат за разбирањето и ги покануваат граѓаните да присуствуваат на ова исклучително балетско доживување во новата локација.







