Денес во Охрид ќе биде отворена самостојна изложба „Дијаграми на отелотворување“ од Иванчо Талевски

Денес во Куќата на Робевци во Охрид, ќе биде отворена самостојната изложба „Дијаграми на отелотворување“ на уметникот Иванчо Талевски.
Станува збор за првата самостојна изложба на авторот во Охрид. Почнувајќи од 2015 година, за време на честите патувања на релација Битола-Филаделфија, авторот Иванчо Талевски преку своите цртежи ги бележи времето и просторот, реагирајќи на различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации. Создавањето на овие дела започна како начин на осознавање и истражување на овие две средини, откривајќи неочекувани точки на вкрстување. Овој процес генерира еден вид меѓупростор кој обединува наизглед неспојливи елементи, идеи, настани и идентитети.
Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и работи на релација Битола – Филаделфија, САД. Неговите дела и проекти биле претставени во бројни интернационални музеи, галерии, биеналиња и триеналиња во Њујорк, Филаделфија, Лос Анџелес, Брисел, Сеул, Токио, Краков, Тајван, Кина и Скопје.
Добитник е на повеќе меѓународни награди, признанија и грантови, меѓу кои и поддршка од фондациите „Полок-Краснер“, „Елизабет Гриншилдс“ и Фондацијата за иновации во уметноста „Сакс“.
Влезот е слободен, а изложбата ќе биде отворена во 20 часот.







