Skip to main content

Прв меѓуезерски шаховски турнир во Поградец

Од Општина Поградец упатија благодарност до сите шахисти, судии, волонтери и спонзори кои придонесоа за успешната организација на турнирот, со надеж дека United Lake Inter-Lake Chess Championship ќе стане традиционален.
 |  инфодеск  | 

Во Поградец денес успешно заврши првото издание на меѓународниот меѓуезерски шаховски турнир United Lake Inter-Lake Chess Championship, во организација на Општина Поградец.

На турнирот настапија четири екипи – две од Поградец (Поградец 1 и Поградец 2), Шаховскиот клуб „Ласкер“ од Охрид и Шаховскиот клуб „Струга“ од Струга.

Настанот претставува значаен чекор кон унапредување на спортската, културната и пријателската соработка меѓу градовите околу Охридското Езеро, поврзувајќи ги шаховските заедници од Албанија и Македонија преку заедничката љубов кон шахот.

Екипата на ШК „Струга“ оствари максимален учинок, забележувајќи три победи во исто толку натпревари и заслужено го освои првото место. Второто место му припадна на ШК „Ласкер“ од Охрид, кој турнирот го заврши со две победи и еден пораз.

Во дуелот меѓу двете домашни екипи, Поградец 1 и Поградец 2, беше забележан нерешен исход во меч-бодови, што потврди дека станува збор за изедначени состави.

Организаторите истакнаа дека ова е само почеток на една заедничка иницијатива која има за цел турнирот да прерасне во традиционална спортска манифестација. Следното издание е планирано да се одржи во Струга, со учество на уште поголем број екипи.

Од Општина Поградец упатија благодарност до сите шахисти, судии, волонтери и спонзори кои придонесоа за успешната организација на турнирот, со надеж дека United Lake Inter-Lake Chess Championship ќе стане традиционален настан што секоја година, наизменично во Поградец, Охрид и Струга, ќе ги поврзува шаховските клубови и љубителите на шахот од регионот.