Од Царинската управа апелираат сопствениците да го регулираат царинскиот статус на пловилата

Од Царинската управа информираат дека, преку Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги, во наредниот период ќе се спроведуваат зајакнати теренски контроли на пловните објекти кои се користат на Охридското Езеро.
Контролните активности, како што посочуваат од Царинската управа, ќе бидат насочени кон проверка на тековниот царински статус на пловните објекти и исполнетоста на законските обврски согласно царинските прописи.
Оттаму ги повикуваат сите сопственици и корисници на пловила за кои не е спроведена соодветна царинска постапка, истата да ја регулираат во најкус можен рок.
Од Царинската управа предупредуваат дека сите пловни објекти кои при контрола ќе бидат затекнати со нерегулиран царински статус ќе бидат предмет на соодветна законска постапка. Во тие случаи ќе бидат преземени мерки за утврдување на обврските, како и привремено задржување на пловилата, сè до нивно целосно исполнување согласно законските овластувања.
Дополнително, посочуваат дека предмет на контрола ќе бидат и пловните објекти на нерезиденти чија употреба е регулирана со дозвола за привремен увоз. По истекот на дозволениот рок, пловилата мора да го напуштат царинското подрачје или за нив да биде спроведена соодветна царинска постапка.
Воедно, ќе се проверува и исполнетоста на условите за управување со пловилата, односно дали тие се управувани исклучиво од лица кои имаат законско право на тоа.
Од Царинската управа потенцираат дека продолжуваат со редовни контролни активности со цел обезбедување доследна примена на прописите за привремен престој и користење на странски пловни средства.
Воедно, упатуваат апел до граѓаните и странските државјани да постапуваат согласно важечките царински регулативи и навремено да го усогласат статусот на своите пловни објекти.







