Владата прогласи 30 дневна кризна состојба во Гостивар

Владата на денешната 195-та седница, на предлог на Управувачкиот комитет, донесе одлука за прогласување кризна состојба во Општина Гостивар во траење од 30 дена. Одлуката е донесена поради состојбата со водоснабдувањето и неможноста на локалната самоуправа самостојно да се справи со настанатиот проблем.
Како што информираат од Владата, прогласувањето кризна состојба има за цел побрза координација на институциите, ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење за граѓаните во најкраток можен рок.
Во Управувачкиот комитет се министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за здравство Сашо Клековски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Од Владата посочуваат дека здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува приоритет и дека се посветени на целосно решавање на проблемот. Дополнително, очекуваат Јавното обвинителство да спроведе детална истрага и да го расчисти случајот, со став дека одговорност мора да има за секој кој го довел во ризик здравјето и животите на гостиварчани.






