Skip to main content

Листата на светско наследство во опасност не е казна, туку механизам за помош на загрозените локалитети

Целта не е да се казни државата, туку да се обезбеди меѓународна поддршка, стручна помош и финансиски средства за зачувување на локалитетот.
 |  инфодеск  | 

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 48. сесија во Бусан, Јужна Кореја, ја разгледува можноста Охридскиот регион да биде впишан на Листата светско наследство во опасност. Според текот на работата, се очекува извештајот за состојбата на Охридскиот Регион и нацрт одлуката за негово впишување на Листата на светско наследство во опасност да бидат разгледани во текот на утрешниот ден. Во меѓувреме, Турција поднесе амандман со кој предлага Охридскиот Регион „во оваа фаза да не биде впишан“ на Листата на светско наследство во опасност, како и да се продолжат роковите за спроведување на препораките на УНЕСКО. Според предлогот, Македонија и Албанија би доставиле нов извештај до 1 февруари 2031 година, кој би бил разгледан на 53. сесија на Комитетот, со што двете држави би добиле дополнителен период од околу пет години за реализација на обврските.

Охридскиот Регион во Бусан по четврти пат се соочува со можноста да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.  Комитетот во изминатите неколку години повеќепати ја одложуваше конечната одлука и им даваше дополнителни рокови на Македонија и Албанија за исполнување на препораките на УНЕСКО.

Што значи за еден локалитет доколку биде впишан на Листатат светско наследство во опасност?

Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО е механизам со кој меѓународната заедница се информира дека одредено културно или природно добро се соочува со сериозни закани што можат да ги нарушат вредностите поради кои е впишано на Листата на светско наследство. Целта не е да се казни државата, туку да се обезбеди меѓународна поддршка, стручна помош и финансиски средства за зачувување на локалитетот.

Причините поради кои едно добро може да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност се различни: вооружени конфликти, природни катастрофи, загадување, неконтролирана урбанизација, прекумерен туристички развој, криволов, климатски промени, несоодветно управување или недоволна правна заштита.

Кај културните добра, УНЕСКО прави разлика меѓу утврдена и потенцијална опасност. Утврдена опасност постои кога има сериозно оштетување или губење на автентичноста и културното значење на локалитетот, додека потенцијална опасност постои кога постојат закани што би можеле да ги нарушат неговите вредности, како што се несоодветно планирање, вооружен конфликт или недостиг од соодветна заштита.

Истите принципи важат и за природните добра, каде што како утврдени опасности се сметаат значителното намалување на загрозените видови, уништувањето на природните вредности, загадувањето и човечкото навлегување во заштитените подрачја, а како потенцијални опасности се оценуваат несоодветната заштита, планираните развојни проекти, конфликтите и влијанијата од климатските и другите природни промени.

По впишувањето на Листата на светско наследство во опасност, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, во соработка со државата во која се наоѓа локалитетот, изработува програма со конкретни корективни мерки и рокови за нивно спроведување. УНЕСКО обезбедува стручна поддршка преку своите советодавни тела, ја следи состојбата на локалитетот преку редовни извештаи и мониторинг мисии и, кога е потребно, може да одобри финансиска помош од Фондот за светско наследство за итни интервенции и активности за зачувување. Целта е да се отстранат заканите и да се обноват вредностите поради кои локалитетот е впишан на Листата на светско наследство, по што тој може да биде отстранет од Листата на светско наследство во опасност.

Доколку едно светско наследство трајно ги изгуби исклучителните вредности поради кои било впишано, Комитетот може да го избрише и од Листата на светско наследство во опасност и од Листата на светско наследство. Досега оваа мерка е применета само трипати и тоа за Резерватот на арапскиот орикс во Оман избришано во 2007 година, откако државата значително ја намалила заштитената област, а популацијата на арапскиот орикс драстично опаднала поради криволов и губење на живеалиштата, потоа Долината на Елба во Дрезден, Германија, избришано во 2009 година, поради изградбата на мост што, според УНЕСКО, неповратно ги нарушил автентичноста и интегритетот на културниот пејзаж. Во 2021 година од Листата на светско наследство беше избришан и Ливерпул, поморскиот трговски град во Обединетото Кралство, поради современи урбанистички интервенции што, според УНЕСКО, неповратно ја нарушиле неговата исклучителна универзална вредност.