Skip to main content

Водата во Охридското Езеро е исправна и безбедна за капење

Во екот на туристичката сезона, најновите анализи покажуваат дека водата во Охридското Езеро е безбедна за капење и рекреација. Од Центарот за јавно здравје велат дека сите контролирани плажи ги исполнуваат пропишаните стандарди за квалитет на водата, но апелираат граѓаните и туристите да бидат внимателни при подолг престој на сонце.
 |  инфодеск  | 

Водата во Охридското Езеро е исправна и безбедна за капење. Анализите  на Центарот за јавно здравје покажуваат дека квалитетот на водата на сите контролирани капалишта е од прва класа и ги исполнува здравствените стандарди. Во екот на туристичката сезона, кога температурата на езерската вода достигнува околу 24 степени, условите се идеални за капење и рекреација.

 Од Центарот за јавно здравје ги демантираат информациите што се појавија на дел од порталите дека водата е небезбедна и велат дека резултатите од редовниот мониторинг го покажуваат токму спротивното.

„Да кажам за водата на плажите.Морам да демантирам некои написи по порталите дека водата во Охридското Езеро не чини.Водата во Охридското Езеро е вода со квалитет речиси за пиење.Сега, ако некој добие реакција, тоа е од сонцето. И алгите цветаат затоа што водата е топла. Да се разбереме, и порано цутеле алгите. Кога има цутење на алги, јас лично не влегувам во вода затоа што потоа имам кожни проблеми. Кај нас, кога нешто ќе се случи, веднаш водата е виновна – било водата за пиење, било водата за капење. Примероците ги земаме од Хотел „Ројал” до „Партизан”, а кај Далјан се земаат на длабочина од метар и пол до два метра. Не се земаат подлабоко, бидејќи децата не се капат таму, туку до длабочина од околу метар и пол. Анализите го покажуваат тоа.“ – вели Д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје Охрид.

Во летниот период контролите се вршат континуирано со цел навремено да се следи состојбата на капалиштата и да се обезбеди безбеден престој за граѓаните и бројните туристи кои летуваат на Охридското Езеро.

Покрај добриот квалитет на водата, здравствените работници потсетуваат дека најголем ризик во летниот период се  високите температури и прекумерното изложување на сонце. Токму затоа апелираат капачите да ги почитуваат препораките за заштита, особено во најтоплиот дел од денот.

На сите тие места, од Свети Наум, Љубаништа и Трпејца – се зборуваше дека плажите не биле добри, дека деца добиле проливи и слично. Но, најпрво треба да се утврди каде биле тие деца и што се случило.Можно е ако долго време биле изложени на сонце, па потоа влегле во вода, да добијат сончаница. Од тоа може да повраќаат, да имаат покачена температура и други симптоми.Водата е од прва класа, со класификација „одлична”. Тоа го тврдам и стојам зад тоа.“ – вели д-р Симоноска.


Од Центарот за јавно здравје препорачуваат да се избегнува директно изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот, да се користи заштитен фактор, да се внесуваат доволно течности и особено да се внимава на децата, повозрасните лица и хронично болните.

Соња Рилковска