Италијанска вечер со пијанистката Кристијана Пегораро на Охридско лето

Италијанска вечер со пијанистката Кристијана Пегораро ќе се одржи вечерва во 21 часот во црквата „Св. Софија“ во рамките на фестивалот Охридско лето. На програмата се дела од Џоакино Росини, Јохан Себастијан Бах, Франц Шуберт, Роберт Шуман, Антонио Вивалди, Лудвг ван Бетовен и други.
Кристијана Пегораро настапува во најпрестижните концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка, на Блискиот Исток, во Азија и во Австралија. Нејзината дискографија вклучува 34 носачи на звук, а за албумот со танго музика од Астор Пијацола е добитничка на Златен медал на Глобалните музички награди во Калифорнија.
Добитничка е на повеќе од 50 меѓународни награди и признанија. Во 2019 година ја добива престижната награда „Белисарио“, доделена на церемонија пренесувана во живо од италијанската телевизија РАИ. Неодамна, округот Вестчестер во државата Њујорк ѝ посвети ден од годината, па така според официјалната објава на Советот – 28 Март секоја година се празнува како ден на Кристијана Пегораро.







