Skip to main content

Езерската полиција спаси две девојки на СУП даски во Охридското Езеро

Двете млади лица останале заробени на СУП даски по наглото влошување на временските услови.
 |  инфодеск  | 

Две девојки од Охрид синоќа беа спасени од припадниците на езерската полиција откако поради силен ветер и големи бранови не можеле да се вратат на брегот со своите СУП даски.

Како што информираат од СВР Охрид, вчера во 19:55 часот во Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ било пријавено дека две лица, кои пловеле со СУП даски на околу 1.000 метри од брегот, спроти автокампот во Охрид, со извикување барале помош.

Полициски службеници од езерската полиција веднаш се упатиле кон посочената локација и на околу 2.000 метри од брегот ги забележале двете лица како се обидуваат да ја задржат контролата врз даските, додека силниот ветер ги оттурнувал сè подалеку од копното.

По брза интервенција, тие биле безбедно префрлени на полициските чамци. Станува збор за две девојки на возраст од 18 и 19 години кои поради наглото влошување на временските услови не биле во можност самостојно да се вратат на брегот. По спасувањето, безбедно биле пренесени во просториите на езерската полиција.

Од СВР Охрид апелираат до сите капачи и корисници на СУП даски и педалинки да не се оддалечуваат од означените безбедносни зони, да ги следат временските услови и доследно да ги почитуваат безбедносните препораки, со цел да се избегнат ситуации кои можат да го загрозат нивниот живот и безбедност.