Skip to main content

РСБСП со апел за безбедно учество во сообраќајот за време на празничниот викенд

Поради очекуваниот зголемен интензитет на сообраќајот кон туристичките центри, излетничките места и граничните премини, од РСБСП потсетуваат дека почитувањето на сообраќајните правила е клучно за безбедно патување и спречување на сообраќајни несреќи.
 |  инфодеск  | 

По повод одбележувањето на 2. Август Ден на Републиката – Илинден, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до сите учесници во сообраќајот за зголемена одговорност и почитување на сообраќајните правила и прописи.

-За време на претстојниот празничен викенд се очекува зголемена раздвиженост на сите категории учесници во сообраќајот особено на патните правци кон туристичките места Охрид, Преспа, Дојран, Крушево, Пелинце, излетничките места и кон граничните премини. Во услови на зголемен интензитет на сообраќајот, внимателното и одговорно учество во сообраќајот е клучен предуслов за зачувување на безбедноста на сите учесници, велат од РСБСП.

Во таа насока апелира до сите учесници во сообраќајот:

  • да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи;
  • да го почитуваат ограничувањето на брзината на движење со возилата согласно поставената сообраќајна сигнализација, густината на сообраќајот и условите на патот;
  • да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол и недозволиви психотропни супстанци или во состојба на замор;
  • задолжително да користат сигурносен појас, а децата на возраст до пет години да се превезуваат во соодветни детски седишта;
  • да не користат мобилен телефон или други електронски уреди за време на управување со возило;
    пред поаѓање на пат да ја проверат техничката исправност на возилото, а долгите патувања на секои два часа возење да прават паузи;
  • велосипедистите, мотоциклистите, возачите на лесни електрични возила и пешаците да се движат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.