Skip to main content

Популарнo летувалиштe во Италија забрани шетање во бикини и без маица надвор од плажите

Од локалната самоуправа на Кавалино-Трепорти велат дека целта на мерката не е да им го отежне престојот на туристите, туку да се поттикне почитување на локалната заедница. Потсетуваат дека Кавалино-Трепорти е туристичка дестинација, но и место каде што жителите живеат и работат во текот на целата година. Инаку, Кавалино-Трепорти повеќе од 30 години е дел од листата на светско наследство на УНЕСКО
 |  инфодеск  | 

Популарното италијанско летувалиште Кавалино-Трепорти воведе строги правила за облекување надвор од плажите. Туристите кои се движат по улиците и плоштадите во бикини или без маица можат да добијат казна и до 500 евра, а локалната полиција веќе започна со контроли.

Според Index.hr, повикувајќи се на италијанската агенција ANSA, локалната полиција досега изрекла десетина казни во износ од 50 евра. Санкциите се однесуваат не само на пешаците, туку и на лицата кои се движат со велосипед или електричен тротинет.

Градоначалничката Роберта Несто на социјалните мрежи порача дека „улиците не се плажа“, најавувајќи засилени контроли во текот на целото лето. Според општинската одлука, казните се движат од 25 до 500 евра.

Од локалната самоуправа велат дека целта на мерката не е да им го отежне престојот на туристите, туку да се поттикне почитување на локалната заедница. Потсетуваат дека Кавалино-Трепорти е туристичка дестинација, но и место каде што жителите живеат и работат во текот на целата година.

За да избегнат недоразбирања, општината навреме ги информирала хотелите, камповите и останатите сместувачки капацитети за новите правила, со цел посетителите да бидат запознаени со нив уште при пристигнувањето.

Градоначалничката нагласи дека правилата важат подеднакво за сите, за локалното население, домашните и странските туристи. И покрај тврдењата дека странските гости често не ги плаќаат казните, од општината велат дека официјалните податоци го покажуваат спротивното.

Инаку, Кавалино-Трепорти повеќе од 30 години е дел од листата на светско наследство на УНЕСКО, со локалитетот „Венеција и нејзината лагуна“. Станува збор за природен пејзаж со непроценлива убавина, кој ги одразува традицијата, културното наследство и вредностите на луѓето што живеат во овој крај.

Кавалино-Трепорти не е единственото италијанско летувалиште со вакви правила. Забрана за движење во костими за капење надвор од плажите има и во Каорле и Ераклеа Маре, додека во Венеција исто така се спроведуваат построги контроли со цел да се обезбеди пристојно однесување на јавните површини.

Извор: Index.hr