Skip to main content

Пеколни горештини до 7 август, почитувајте ги препораките за заштита од топлотен удар

Од Институтот за јавно здравје апелираат граѓаните сериозно да ги сфатат препораките, бидејќи навремената превенција и правилната реакција можат да спречат сериозни последици по здравјето за време на топлотниот бран.
 |  инфодеск  | 
топлотен бран

Пеколните температури кои ја зафатија земјава ќе продолжат најмалку до 7 август, а Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира граѓаните строго да ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран. Најголем ризик, предупредуваат здравствените власти, постои во периодот од 11 до 17 часот, кога изложеноста на сонце може да предизвика сериозни здравствени последици.

Од ИЈЗ посочуваат дека при екстремно високи температури организмот потешко ја регулира телесната температура, особено кога покрај жештината има и висока влажност на воздухот. Во такви услови природното ладење преку потење е отежнато, што може да доведе до слабост, вртоглавица, гадење, исцрпеност, но и до опасни состојби како сончаница и топлотен удар.

Здравствените експерти предупредуваат дека симптоми како конфузија, престанок на потење, екстремно топла и сува кожа, забрзано срцебиење, отежнато дишење и губење на свеста се знаци за сериозна состојба која бара итна медицинска помош.

Посебно ранливи се лицата постари од 60 години, децата, бремените жени, лицата со хронични заболувања, работниците кои работат на отворено, како и социјално ранливите категории. Дополнителен ризик имаат пациентите со кардиоваскуларни, белодробни, бубрежни и ментални заболувања, лицата со шеќерна болест и дебелина, како и оние кои примаат терапија што го зголемува излачувањето течности од организмот.

Институтот препорачува граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце и физички активности на отворено во најтоплиот дел од денот. Доколку престојот надвор е неопходен, треба да се прават почести паузи во сенка, да се носи лесна и светла облека, заштитни очила и капа со широк обод. Се препорачува престој во разладени простории, а во текот на денот да се држат затворени прозорците и ролетните, додека проветрувањето да се прави во вечерните часови кога температурите се пониски.

Од ИЈЗ советуваат и умерена исхрана, со избегнување масна, висококалорична и премногу слатка храна. Во текот на целиот ден потребно е да се внесуваат доволни количества течности, без да се чека да се појави чувство на жед. Најдобар избор е водата, а дозволени се и минерални безалкохолни пијалаци. Не се препорачува консумирање алкохол, пијалаци со кофеин и многу ладни напивки.

Дополнително, се предупредува никогаш да не се оставаат луѓе во паркирани возила, бидејќи температурата во нив за многу кратко време достигнува опасно високи вредности. Доколку лицето се наоѓа во возило, потребно е веднаш да се отвори прозорецот за да се овозможи вентилација.

Лицата со хронични заболувања треба редовно да ја земаат препишаната терапија и при секоја промена на здравствената состојба да се консултираат со својот матичен лекар.

Доколку се појават симптоми како зашеметеност, слабост, силна жед или главоболка, потребно е лицето веднаш да се премести на поладно место, да ја измери телесната температура и да внесе вода или минерален пијалак за рехидратација. При појава на мускулни грчеви, најчесто во нозете, рацете или стомакот, се препорачува одмор на ладно место и внесување течности со електролити. Ако грчевите траат подолго од еден час, неопходно е да се побара лекарска помош.

Во случај лице да има жешка и сува кожа, да е во бессознание или да има грчеви, веднаш треба да се повика Итната медицинска помош на 194 или на бројот 112. До пристигнувањето на медицинските екипи, лицето треба да се премести на ладно место, да се постави во хоризонтална положба со благо подигнати нозе, да се отстрани вишокот облека и да се лади со студени облоги на вратот, пазувите и препоните, како и со прскање на кожата со вода. Ако лицето е без свест, треба да се постави во странична положба и да не му се дава никаква терапија.

Од Институтот за јавно здравје апелираат граѓаните сериозно да ги сфатат препораките, бидејќи навремената превенција и правилната реакција можат да спречат сериозни последици по здравјето за време на топлотниот бран.