Skip to main content

Продолжуваат археолошките истражувања на „Градиште“ кај Долно Лакочереј, откриени нови сознанија за минатото на Охридскиот регион

Археолозите од НУ Археолошки музеј – Скопје ја реализираат четвртата сезона систематски археолошки истражувања на локалитетот „Градиште“ кај селото Долно Лакочереј, при што продолжуваат да откриваат нови сознанија за минатото на Охридскиот регион.
 |  инфодеск  | 

Археолозите од НУ Археолошки музеј – Скопје и ова лето ги продолжуваат систематските археолошки истражувања на локалитетот „Градиште“, кои веќе четврта година откриваат нови сознанија за минатото на Охридскиот регион.

Досегашните истражувања открија градби, населбински слоеви со богат археолошки материјал од доцното бронзено и раното железно време, како и одбранбен бедем од хеленистичкиот период.

Според Археолошкиот музеј, овие откритија имаат исклучително научно значење бидејќи овозможуваат подобро да се разбере развојот и организацијата на праисториските населби во крајезерскиот регион, но и да се реконструираат промените во хидролошката историја на Охридското Езеро. Во поширок балкански контекст, резултатите придонесуваат кон истражувањата за драматичните промени на крајот од бронзеното време, период поврзан со падот на микенската цивилизација.

Истражувањата се реализираат во рамките на меѓународниот проект „Погранични студии“, кој НУ Археолошки музеј – Скопје од 2017 година го спроведува во соработка со Карловиот универзитет во Прага, НУ Завод и Музеј – Охрид, Германскиот археолошки институт и Чешкиот геолошки институт.

Со овогодинешната истражувачка кампања раководеше д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во НУ Археолошки музеј – Скопје, а кораководител беше д-р Марек Верчик од Карловиот универзитет во Прага. Во тимот учествуваа и археолозите Илија Бошковски, м-р Драган Таневски, Миле Илоски и Фитни Далипи.

Проектот е финансиран од Министерството за култура.