Ниту летното сонце не го решава недостатокот од Витамин Д, еве која храна може да помогне

Иако витаминот Д е познат како „витамин на сонцето“, ново истражување покажува дека ниту летните сончеви денови не се доволни за многу луѓе да ги одржат неговите вредности во нормала.
Истражување на Универзитетот во Њукасл, објавено во European Journal of Clinical Nutrition, покажало дека недостатокот на витамин Д останува чест и во текот на летото. Научниците ги следеле вредностите кај 299 испитаници од декември 2024 до август 2025 година и утврдиле дека кај многумина тие не се подобриле ниту во најсончевиот период од годината.
Најризични се лицата постари од 65 години, кај кои повеќе од половина имале ниско ниво на витамин Д, како и луѓето со потемна кожа.
Витаминот Д е неопходен за здрави коски и заби, бидејќи му помага на организмот да ги апсорбира калциумот и фосфорот. Покрај тоа, има важна улога во функционирањето на имунолошкиот систем, мускулите и нервниот систем.
Иако организмот го создава под влијание на сончевите УВБ-зраци, неговото производство зависи од возраста, бојата на кожата, времето поминато на сонце, местото на живеење и користењето заштитни креми.

Во кои намирници го има?
Добри природни извори на витамин Д се:
- масна риба (лосос, сардина, скуша, харинга и туна),
- рибино масло,
- жолчка од јајце,
- млеко и млечни производи збогатени со витамин Д,
- печурки изложени на УВ-светлина.
Недостатокот на витамин Д може да предизвика замор, слабост, болки во мускулите и коските, почести инфекции и променливо расположение.
Стручњаците советуваат лицата кои се во ризична група да разговараат со лекар за проверка на нивото на витамин Д и, доколку е потребно, за земање суплементи. Истовремено предупредуваат дека и прекумерниот внес на витамин Д може да биде штетен, па високите дози не треба да се користат без лекарски совет.







