Пожарот кај Долна Белица ставен под контрола, повредените пожарникари закрепнуваат

Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, ги посети пожарникарите кои добија медицинска помош по вчерашната интервенција при гаснењето на големиот пожар кај селото Долна Белица.
При посетата во струшката болница, Ќира им посака брзо закрепнување, истакнувајќи дека благодарение на нивната храброст, пожртвуваност и професионалност пожарот бил ставен под контрола и биле спречени уште посериозни последици. Според него, сите пожарникари се надвор од животна опасност.

Пожарот избувна вчера во близина на Белица, а според информациите од Општина Струга, огнената стихија се проширила кон селото Заграчани. Благодарение на брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица и другите надлежни служби, пожарот беше ставен под контрола и беше спречено неговото понатамошно ширење.
Од Општината соопштија дека постојат сомнежи оти пожарот е поврзан со новоформирани диви депонии во овој реон, а не се исклучува ниту можноста да бил намерно предизвикан.

Градоначалникот упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни во периодот на високи температури и строго да ги почитуваат препораките на пожарникарите. Тој предупреди дека секоја несовесност може да предизвика сериозни последици по луѓето, имотот и природата, а ваквите постапки се казниви со закон.
Општина Струга најави дека ќе продолжи да соработува со надлежните институции со цел утврдување на причините за пожарот и спречување и санкционирање на вакви случаи во иднина.







