Мозаичната икона „Исус Христос на престол“ повторно изложена пред јавноста во Охрид

Во Галеријата на икони во Охрид денеска беше претставена мозаичната икона „Исус Христос на престол“, еден од највредните споменици на византиската уметност, по повод 75-годишнината од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид.
На свечената презентација присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.

Станува збор за пренослива мозаична икона од XIV век, откриена во 1960 година во црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид. Таа претставува исклучително редок примерок од византискиот период и има голема уметничка, историска и духовна вредност, сведочејќи за значењето на Охрид како еден од најважните духовни и културни центри на христијанскиот Исток.
На настанот посетителите имаа можност одблизу да се запознаат со историјата, симболиката и уметничката вредност на ова уникатно дело, кое и денес претставува значаен дел од богатото културно наследство на Охрид.








