Skip to main content

општина охрид

Проф. д-р Кристоф Бенедиктер е добитник на Светската награда на хуманизмот за 2026 година

Свеченото доделување на Светската награда на хуманизмот ќе се одржи на 9 август 2026 година, со почеток во 12 часот, во Куќата на Уранија.
 |  инфодеск  | 

Проф. д-р Кристоф Бенедиктер, претседател на Европската асоцијација на истражувачи и професори (АЕРЕР), е годинашен добитник на Светската награда на хуманизмот за 2026 година, признание што Охридската академија на хуманизмот го доделува во чест на делото и духовното наследство на Свети Климент Охридски, како симбол на знаењето, просветителството и универзалните цивилизациски вредности.

Одлуката на Меѓународното жири е донесена како израз на признание за долгогодишната научна, образовна и културна дејност на проф. д-р Бенедиктер, неговиот придонес во јакнењето на европската академска соработка и неговата посветеност на создавањето мостови меѓу научните и културните средини од Европа, особено од регионот на Југоисточна Европа.

Како прв човек на Европската асоцијација на истражувачи и професори, Бенедиктер со децении работи на поврзување на универзитети, истражувачки центри и интелектуални заедници, поттикнувајќи размена на знаење, дијалог и соработка меѓу народите.

Неговата работа е тесно поврзана и со афирмацијата на културното наследство на Балканот во европски рамки. Следејќи ја визијата на австрискиот уметник и европеист Леополд Форстнер (1878-1936), кој оставил значајни уметнички сведоштва за светите места во Македонија, проф. д-р Бенедиктер се залага за надминување на историските поделби преку културата, науката и образованието.

Како еден од основачите на Музејот на Форстнер во Линц, Австрија, тој придонесува за зачувување и промовирање на историските и културните врски меѓу Европа и Македонија. Преку бројни меѓународни проекти, конференции и иницијативи, тој овозможи поголема видливост на научниците, истражувачите и културните дејци од Балканот на европската сцена.

Проф. д-р Кристоф Бенедиктер е дваесеттиот добитник на ова значајно меѓународно признание. Во изминатите години, Охридската академија на хуманизмот со оваа награда ги одликуваше и нобеловците Александр Солжењицин и Херта Милер, како и голем број светски познати личности и хуманисти меѓу кои Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел де Оливеира, Романо Проди и Светлана Мојсов.

Свеченото доделување на Светската награда на хуманизмот ќе се одржи на 9 август 2026 година, со почеток во 12 часот, во Куќата на Уранија. Настанот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, Општина Охрид и повеќе меѓународни академски и културни институции.