Се одржа културната манифестација „Деца сме на Климента“

Со настапи на охридски уметници, во предворјето на црквата „Света Богородица – Перивлепта“ се одржа културната манифестација „Деца сме на Климента“, во рамки на чествувањата посветени на Свети Климент Охридски. Манифестацијата се одржа по повод 1.110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 1.140 години од основањето на Охридската книжевна школа.
Пред присутните се обрати советничката во Советот на Општина Охрид, Билјана Коталески, која истакна дека манифестацијата претставува оддавање почит на светецот и просветителот, кој оставил трајно наследство во писменоста, културата и духовната традиција.

„Вечерва преку универзалниот јазик на музиката му оддаваме почит на човекот кој го постави темелот на нашата писменост, култура и духовна традиција“, порача Коталески.
Таа нагласи дека Свети Климент Охридски не бил само учител и просветител, туку и значајна фигура во создавањето на духовното и културното наследство кое треба да се зачува и пренесе на идните генерации. Коталески посочи дека Охрид и денес останува центар на духовноста, писменоста и уметноста, а концертот бил замислен како спој на богатата традиција и современиот уметнички израз.

„Вредностите што ни ги остави Климент. мудроста, заедништвото и хуманоста – се потребни и во современиот свет“, истакна таа, упатувајќи благодарност до музичарите и организаторите.
Во рамки на вечерната програма настапија охридскиот женски квартет „Harmonix“, сопранистката Билјана Буџакоска-Трифуноска, флејтистката Кристина Љушоска и пијанистот Дамјан Милески.
Свеченостите посветени на летниот празник Свети Климент Охридски продолжуваат викендов со празнични богослужби на Плаошник.








