Skip to main content

Како правилно да ги третирате опекотините од сонце

Иако во домашни услови често се користат јогурт, кисело млеко, масла или различни мелеми, лекарите не ги препорачуваат како основен третман. Најважно е разладувањето на кожата и спречувањето на понатамошно оштетување.
 |  инфодеск  | 

Високиот индекс на УВ-зрачење значително го зголемува ризикот од сончеви опекотини. Иако најчесто не се животозагрозувачки, лекарите предупредуваат дека прекумерното изложување на сонце може да остави долгорочни последици врз кожата.

Кожата „памти“ секое прекумерно изложување на сончевите зраци, а повторуваните опекотини го зголемуваат ризикот од оштетување на кожното ткиво и појава на различни заболувања, вклучително и карциноми на кожа.

Затоа, особено во периодите кога УВ-индексот е многу висок, важно е сонцето да се избегнува во најтоплиот дел од денот, да се користи соодветна заштита и изложувањето да биде умерено.

Што да направите ако кожата изгори?

Кај полесните сончеви опекотини најчесто се јавуваат црвенило, пецкање и болка. Во такви случаи, лекарите советуваат најпрво да се прекине изложувањето на сонце и кожата да се разладува.

Најважно е:

  • да се преместите во сенка или во затворен простор;
  • да внесувате доволно течности;
  • да ја ладите кожата со млака до ладна вода или ладни облоги;
  • да избегнувате дополнително изложување на сонце додека кожата не се опорави.

Иако во домашни услови често се користат јогурт, кисело млеко, масла или различни мелеми, лекарите не ги препорачуваат како основен третман. Најважно е разладувањето на кожата и спречувањето на понатамошно оштетување.

Кога треба да побарате лекарска помош?

Поголемите сончеви опекотини може да бидат проследени со појава на пликови, покачена телесна температура, треска и изразена слабост.

Доколку е зафатена голема површина од телото или симптомите се посилни, потребно е да се побара медицинска помош. Особено внимание е потребно кај деца, постари лица и лица со други здравствени проблеми.

Важно е да се знае и дека опекотините од сонце не се исто што и изгорениците предизвикани од врели течности или пламен. Кај таквите повреди може да дојде до сериозно оштетување на ткивото и тие можат непосредно да го загрозат животот, поради што бараат итна медицинска процена.

Превенцијата е најважна

Најдобар начин да се избегнат сончевите опекотини е превенцијата. Заштитниот фактор е важен, но не значи дека со негово нанесување можеме неограничено да остануваме на сонце.

При многу висок УВ-индекс, најбезбедно е да се избегнува директно сонце во најризичниот период од денот, да се носи лесна заштитна облека, шешир и очила за сонце, како и редовно да се нанесува средство со заштитен фактор.

Сончањето треба да биде умерено и внимателно, бидејќи секоја сериозна опекотина претставува дополнително оштетување на кожата.