ИЈЗ: Лицата над 65 години да не излегуваат од 11 до 17 часот поради топлотниот бран

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до лицата над 65 години да избегнуваат излегување и изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот поради високите температури и топлотниот бран.
Според ИЈЗ, лицата над 65 години се една од ризичните категории на населението, бидејќи со возраста организмот потешко се приспособува на високите температури. Дополнителен ризик претставуваат хроничните заболувања и терапијата што ја користат дел од повозрасните лица, бидејќи одредени лекови можат да влијаат врз реакцијата на организмот на топлина.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), продолжува периодот на сончево и многу топло време, со температури кои на места ќе достигнуваат и до 40 степени Целзиусови. Високите температури ќе се задржат и во текот на ноќта.
Препораки за лицата над 65 години
ИЈЗ препорачува повозрасните лица да ги почитуваат следните мерки:
- Да избегнуваат изложување на сонце, како и работа и физичка активност на отворено, од 11 до 17 часот.
- Да носат лесна, светла и широка облека, очила за сонце и капа или шешир со широк обод. При изложување на сонце да користат заштитен фактор SPF 30 или повисок.
- Да внесуваат доволно течности и да не чекаат да почувствуваат жед. Се препорачува избегнување алкохол и ограничување на пијалаците со кофеин. Лицата на кои лекар им го ограничил внесот на течности треба да се консултираат со лекар за потребната количина во периодот на високи температури.
- Да ја одржуваат пријатна температура во домот и да избегнуваат негово дополнително загревање. Во најтоплиот дел од денот да користат ролетни и завеси, а просториите да ги проветруваат кога надворешната температура е пониска.
- Доколку користат клима-уред, да избегнуваат прекумерно разладување и нагли температурни промени.
- Да избегнуваат користење шпорет, рерна и други уреди кои го загреваат домот, особено во периодот од 13 до 17 часот.
- Редовно да го разладуваат телото со млака или посвежа вода, влажни крпи и престој во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија.
- Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат пропишаната терапија и да не ја менуваат или прекинуваат без консултација со лекар. При влошување или промена на здравствената состојба, потребно е да се консултира матичниот лекар.
- Да одржуваат редовен контакт со семејството, пријателите и соседите. Особено за оние кои живеат сами, важно е блиските редовно да проверуваат како се чувствуваат за навремено да се забележат евентуални промени во здравствената состојба и да се обезбеди помош доколку е потребно.
Од ИЈЗ потсетуваат дека високите температури можат сериозно да влијаат врз здравјето, особено кај повозрасните лица, поради што се препорачува навремено преземање мерки за заштита и избегнување непотребно изложување на топлина.






