Концерт на харфистката Алиса Садикова во Охрид

Харфистката Алиса Садикова ќе одржи концерт вечерва во 21 часот, во црквата „Св. Софија“ во рамките на фестивалот Охридско лето. Таа ќе изведе дела од Јохан Себастијан Бах, Клод Дебиси, Петар Илич Чајковски, Вилхелм Посе, Фредерик Шопен и од Беджик Сметана.
Уметнички раст на Алиса Садикова е видлив уште од раната возраст кога дебитирала на светската музичка сцена. Родена е во Санкт Петербург и започнува да учи харфа во класата на Карина Малееве во Специјалната школа за талентирани деца при Конзерваториумот „Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург. Образованието го продолжува како стипендист на Фондацијата „Салви“ во школата „Кембриџ музика мунди“ во Белгија, во класата на Кетрин Мишел, а потоа и на престижната школа „Џулијард“ во САД каде дипломира во 2025 година. Во моментот е запишана на постдипломски студии во класата на Ненси Ален на „Џулијард“ со стипендија од Фондацијата „Ковнер“.
Нејзината меѓународна кариера започнува во 2010 година кога како победник на првиот натпревар на кој настапила, добива можност да настапи во „Карнеги Хол“ во Њујорк и да оствари турнеја од 10 концерти низ САД. На само 10-годишна возраст дебитира како солист со оркестар под диригентската палка на Владимир Спиваков. Како солист настапува во преку 25 земји низ светот со оркестри и одржува рецитали во концертни сали како Виенската државна опера и „Гастајг“ во Минхен, а е специјален гостин на Светските конгреси на харфисти во Сиднеј (2014) и во Хонгконг (2017).







