Skip to main content

Охрид ќе живее во знакот на водените спортови, започнува OHRID WATER FESTIVAL  

Утре во Охрид започнува четвртото издание на „Ohrid Water Festival“, кое до 30 август ќе понуди бројни спортски, рекреативни и забавни содржини посветени на водените спортови и Охридското Езеро.
 |  Маја Савиќ  | 

Охрид од утре повторно ќе живее во ритамот на водените спортови. Започнува четвртото издание на „Ohrid Water Festival“, кое годинава ќе трае до 30 август и ќе донесе бројни спортски, рекреативни и забавни содржини. Фестивалот успеа од една храбра идеа да прерасне во автентичен спортски бренд, кажа градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков на денешната прес конференција.

Втората половина на август во Охрид веќе е препознатлива по водените спортови, спортските предизвици и активностите поврзани со нашето езеро Тоа е вистинската насока во која даваме и сакаме да се развива нашиот град, кој покрај своето природно и културно наследство има што да понуди и на љубителите на спортот, активниот туризам и секако здравиот начин на живот. От 12-ти до 30-ти август Охридското Езеро повторно ќе биде сцена на голем број спортски и рекреативни активности, а Ohrid Water Festival ќе понуди содржини за различни генерации, различни интереси и различни нивоа на спортска подготвеност. Секако, посебно место во целата фестивалска програма и оваа година ќе има и Охридскиот пливачки маратон, круна на целиот фестивал, како еден од најзначајните и најпрепознатливите спортски настани поврзани со Охрид. Традицијата на маратонот и неговата уникатна врска со Охридското Езеро се вредност која треба да ја негуваме и дополнително да ја афирмираме. Сакам да изразам благодарност до сите охридски клубови, спортисти, спортски работници и организатори, партнери и институции кои се дел од оваа приказна. Токму вашата посветеност покажува дека кога постои заедничка визија Охрид има капацитет да креира квалитетни настани..“ – кажа градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.


Во 19 фестивалски денови, 15 спортски клубови и здруженија ќе организираат натпревари и активности во едрење, кајак, ватерполо, нуркање, пливање, СУП, акватлон, спортски риболов и други водени дисциплини. Дел од програмата е и и Балканско првенство во пливање и како круна на манифестацијата, традиционалниот Охридски пливачки маратон. Спортските настани во рамки на фестивалот од година во година стануваат помасовни и привлекуваат учесници не само од Македонија, туку и од голем број европски држави, кажа претседателот на фестивалот Никола Вретоски.

„Овој настан има големо значење за развојот на водените спортови кај нас, но и за промоција на Охрид и збогатување на туристичката понуда. Радува фактот што од година во година имаме се повеќе учесници од цела Европа, со што фестивалот станува мост за поврзување и соработка меѓу домашните и странските клубови.“ –кажа на денешната прес конференција,претседателот на фестивалот Никола Вретоски.


На Кеј Македонија пред хотел „Палас“ од 26 до 29 август ќе се одржува забавниот дел од програнмата со концерти на Ѓоко Танески, Златно славејче, Веилка и Нокаут, а посетителите ќе можат да проследат и изложби посветени на Охридското Езеро, водените спортови и неговата флора и фауна. Фестивалот е под покровителство на Општина Охрид. Организаторите ги повикуваат охриѓани и туристите да бидат дел од фестивалот и да ги поддржат учесниците во спортските настани.