Асфалтирани паркинг просторите и пристапните улици во кругот на охридската општа болница

Нов изглед добиваат внатрешниот и надворешниот паркинг-простор во кругот на ЈЗУ Општа болница Охрид, откако во рамки на соработката меѓу болницата и Општина Охрид е извршено целосно асфалтирање на повеќе површини.
Асфалтирани се двата надворешни паркинг простора пред влезот на болницата, просторот пред Институтот за јавно здравје и Одделението за инфектологија, како и паркинг просторот кај споредниот влез на болницата, во делот на старата зграда за ТБЦ.

Дополнително, асфалтиран е и паркинг просторот во внатрешноста на болницата, како и улицата која води кон економската зграда. Санирани се и ударните дупки на главната улица која минува низ болничкиот комплекс.
Од ЈЗУ Општа болница Охрид информираат дека со реализацијата на овие активности значително се подобрени условите за пристап и движење во болничкиот круг.
Во наредниот период е предвидено доуредување и маркирање на паркинг-просторот, како надворешниот така и внатрешниот, со што треба да се уреди и начинот на користење на паркинг местата.
Раководството на ЈЗУ Општа болница Охрид упатува благодарност до градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, и до одговорните лица во Општина Охрид за соработката во реализацијата на активностите.








