Skip to main content

Меѓуврсничкото насилство во пораст, најстрашни се бруталноста и пасивноста на набљудувачите

Во пораст меѓуврсничкото насилство, особено загрижува тоа што денес станува сè побрутално. Пасивноста на оние кои го гледаат, снимаат и го споделуваат на социјалните мрежи е дополнителен аларм за целото општество.
 |  инфодеск  | 

Загрижувачки се бројките за меѓуврсничкото насилство, а особено тоа што насилството денес станува сè побрутално. Друг поразителен елемент е пасивноста на оние кои го гледаат, снимаат и го споделуваат на социјалните мрежи. Одговорноста за неговото спречување не е само на институциите туку на семејството, училиштето и целото општество.

 Ова се дел од пораките од дискусијата за меѓуврсничкото насилство и вандализмот, во пресрет на Меѓународниот ден на младите, што се одржа во Охрид.

„Вознемирувачко е насилството. Јас се шокирав просто сега, кога ги читав резултатите. Секој месец барем двајца биле… ама и толку гледале. И толку гледале. Најмалку, најмалку, не знам. Затоа, некако, што ние со нечинење, толерирајќи го во светот тоа што се случува – не сме невини. Никој не е невин. Тоа е соучесништво, најмногу. Да не зборувам за двојните стандарди и третирањето на жртвите. И тоа е страшно. Многу страшно.”-кажа претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Во фокусот на Министерството за образование се превенцијата и навременото препознавање на проблемот. Институциите мора да направат сè што можат ризиците да ги сведат на минимум.

„И во минатото децата ќе се степале на разноразни теми, повеќе од она што вообичаено го велиме – тинејџерско туркање, докажување и така натаму. Но сега имаме гасење на цигара од тело, имаме бодење со нож, имаме понижување во најгрубата форма која може да постои кон едно човечко суштество. И она што е најстрашно, според мене, или еднакво страшно – она немо, апатично гледање, па дури и снимање на телефон и постирање на мрежите.”- кажа Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Министерството за образование, заедно со Комората на психолози, започна со обуки на наставниците и стручните служби за навремено препознавање на агресивното однесување. Досега се реализирани седум настани, во кои се опфатени 30 општини.

Новинар: Соња Рилковска